Фетаи: Правда да даде конкретен одговор околу екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ

Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на главната расправа за случајот „Монструм“ побара од судот да се обрати до Министерството за правда за добивање на конкретни одговори околу екстардицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се засолнети во Косово.

-Доколку може да добиеме конкретен одговор од Министерството за правда дали воопшто е започната постапка за екстрадиција и дали нешто преземаат косовските власти. Сите досега добиени одговори беа исти, постапката е во тек, рече обвинителката Фетаи.

Таа додаде дека за неколку месеци може да се очекува и конечна одлука за случајот и затоа е неприфатливо да се добива ваков штур одговор.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи рече дека барањето веќе еднаш е одбиено за екстрадиција и дека нема потреба да се бара повторно.

Адвокатката на оштетените, пак инфомира дека неколку пати доставиле барање за да бидат известени за екстрадицијата, како и за закажување на седница на Владата со точка на дневен ред за екстрадицијата на двајцата осомничени, но дека до сега не добиле конкретен одговор без да се наведе што е превземено.

Родителите на убиените момчиња побараа средба со министерката за правда и таа да се оствари до одржување на следното рочиште.

Судскиот процес, познат како „Монструм”, го води судијата Огнен Ставрев, а застапнци на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Треба да знаете
Последни објави