Мицотакис: Повеќето од оние што пристигнуваат во Грција имаат профил на економски мигранти, а не на бегалци

Подобра заштита на границите, построг, поправеден и побрз систем за азил и депортација, префрлање на бегалци и мигранти од островите кон другите делови од Грција и покренување на ова прашање како меѓународен проблем се основните оски на грчката политика во однос на мигрантите и бегалците, според претседателот на владата на Грција, Кирјакос Мицотакис.

Одговарајќи на пратеничко прашање на лидерот на партијата МЕРА25, Јанис Варуфакис, грчкиот премиер истакна дека тие како влада не сакаат ниту изградба на ѕидови, ниту огради, туку сакаат да постават правила и објасни дека врз основа на податоците со кои располага владата проблемот не е бегалски, туку мигрантски, jави дописничката на МИА од Атина.

-Во 2015 година, Сиријците кои бегаа очајно, напуштајќи ги нивните домови за да избегаат од војната, претставуваа околу 75 отсто од оние што влегоа во нашата земја. Очигледно сите, скоро сите беа бегалци. Имаа профил на бегалци. Но, денес, Сиријците се само двајца од десет. 50 проценти се Авганистанци и Пакистанци. Организирани од криумчарите се пренесуваат и мигранти од Супсахарска Африка, од Сомалија, од Конго и други соседни земји. Со други зборови, да се согласиме дека мнозинството од оние што денес влегуваат во Грција имаат профил на економски мигранти, а не на бегалци, рече грчкиот премиер.

Мицотакис упати критики и до претходната грчка влада за начинот на кој се справуваше со конкретното прашање и спомена неколку примери, меѓу кои и дека за четири години врз основа на договорот ЕУ-Турција, во Турција биле вратени само 1.806 лица од кои повеќето биле доброволни враќања, актуелната влада од претходната презела 69.387 неразгледани барања за азил врз основа на податоците од август.

Лидерот на партијата МЕРА25, Јанис Варуфакис рече дека Грција како земја треба да се срами за условите во прифатниот центар Морија на Лезбос, порача дека секогаш кога се градат ѕидови или огради, без разлика дали е тоа во Морија или во Еврос или на границата Америка-Мексико, во име на безбедноста на граѓаните, „се трујат општествата”.

-Вие, мигрантите ги гледате како закана, ние ги гледаме како можност, рече Варуфакис.

Тој како пример за миграција ги спомена „децата на кризата”, односно Грците што заминале во Австралија и како што рече, тие се нелегални, економски мигранти, бидејќи влегле со туристичка виза и останале таму.

-Сакате Австралија, кон овие Грци, кон „децата на кризата, на меморандумите” да се однесува на начин на кој вие предлагате? Со затворени Мории и hot spots?, праша Варуфакис.

Треба да знаете
Последни објави