Лабуништани побараа средба со премиерот за лично да го запознаат со состојбата со каменоломите

Жителите на струшко Лабуништа денеска повторно излегоа на мирен протест на локалниот пат Лабуништа – Боровец во знак на револт против работата на каменоломите во подножјето на планината Јабланица, во близина на селото.

Побараа прием од премиерот Зоран Заев, лично да го запознаат со состојбата со која се соочуваат.

Претседателот на еколошкото здружение „Натура Лаб” Алим Салоски истакна дека неколку месеци се во комуникација со Министерството за економија и Општина Струга, но оти досега освен ветување на дело немало ништо.

– Бараме од Владата да ни овозможи прием кај премиерот и лично да го запознаеме со состојбата на нашите терени, рече Салоски.

Според него, покрај материјалните штети околу каменоломите и уништувањето на животната средина во подножјето на планината Јабланица драстично се зголемува и бројот на малигно заболени жители.

– Од видни доктори истакнато ни е дека бројот на заболени од малигни заболувања е дрстично зголемен и според нивно мислење и испитување причина за тоа е работата на овие проклети каменоломи. Животот во нашата средина станува се по не поднослив од бучавата, прашината и минирањето на нашите терени, подвлече Салоски.

Едис Мемиши жител на Лабуништа порача дека протестите ќе продолжат се до решавање на нивните проблеми, односно до затворање на сите каменоломи.

Доколку не се слушне барањето на лабуништани, но и жителите на соседните села Боровец, Подгорци и Октиси и не се раскинат концесиите најавуваат и порадикални протести.

Треба да знаете
Последни објави