Партијата Левица испрати соопштение до јавноста во врска со скандалот со Александар Спасов, советникот во кабинетот на претседателот Ство Пендаровски,
„По избивањето на скандалот со сомнителниот докторат на советникот во Kабинетот на претседателот Пендаровски – доц. д-р Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, Политичката партија Левица јавно го повикува Министерот за образование и наука – Арбер Адеми, кој и самиот е избран за доцент спротивно на законот, да ѝ објасни на македонската јавност зошто, и после измината една година од официјалното Известување Ип1 бр. 09-1626 (од 16.11.2018) на Државниот просветен инспекторат:
(1) не ја довршил започнатата постапка за одземање на докторатот и на стекнатото наставно-научно звање и свесно не донел решение одземање на дипломата на инволвираните лица во скандалот;
(2) не поднел кривична пријава против одговорното лице во високообразованата установа, односо не презел чекори за правно гонење на тогашниот декан проф. д-р Борче Давитковски – со што постапил спротивно на чл. 205 од Законот за високо образование (2018) и извршил груба злоупотреба на службената положба и овластување.
Воедно, го повикуваме инволвираното лице од Кабинетот на Претседателот, кој воедно е и син на еден проминентен професор-социјалдемократ и важи за дел од т.н. академско крило на владејачката СДСМ, да поднесене неотповиклива оставка на функцијата – Надворешен научен соработник за надворешна и внатрешна политика, со цел да овозможи независно окончување на постапката, без сомнеж за можни партиски влијанија и политички притисоци во текот на процесот“.



