Помпео во Атина ќе го потпише договорот за одбранбена соработка САД-Грција

Билатерален договор за одбранбена соработка ќе потпишат Грција и САД за време на посетата на американскиот државен секретар, Мајк Помпео кој викендов ќе биде во Атина на средби со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас и со министерот за одбрана, Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, кој утре ќе се сретне со Помпео, за грчката телевизија „Стар” вели дека станува збор за добар договор.

-Станува за договор што ги штити грчките интереси, но исто така сметам дека е фактор на стабилност и безбедност во поширокиот регион на Егејското море и источниот Медитеран. Тоа е добар договор, вели Дендиас.

Тој додава дека односите на Грција со САД влегуваат во нова фаза, а „Грција одново се враќа на регионалната и меѓународна сцена со самодоверба” за да ја добие „улогата што ѝ припаѓа”.

Според грчките медиуми, министерот за надворешни работи на Грција денес ќе оствари средби со претставниците на партиите кои учествуваат во националниот совет за надворешна политика, за да ги информира за договорот за одбранбена соработка меѓу Грција и САД.

Освен одбранбената соработка, според медиумите во Грција, се очекува и американските инвестиции во грчката воена инфраструктура, безбедноста, енергетиката и ситуацијата во источниот Медитеран да бидат темите за кои Помпео ќе разговара со неговите домаќини.

Амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, говорејќи на годишниот економски форум на грчкото здружение на претприемачи во понеделникот, рече дека Соединетите американски држави направија стратешка инвестиција во односите со Грција, и сега гледаат можност односите што беа многу силни со претходната влада да се кренат на ново ниво.

Пајат додаде дека договорот за одбранбена соработка ќе биде важен дел од агендата на Помпео во Атина, но уште поважно е што САД гледаат на Грција како „столб на стабилноста во многу комплицираното и понекогаш нестабилно соседство кое се протега од Источниот Медитеран, сите предизвици што произлегуваат од Блискиот исток, од Мала Азија, од Балканот, од Црното Море”.

Паралелно, во понеделник ќе се одржи вториот стратешки дијалог меѓу САД и Грција.

-Секретарот Помпео ќе биде тука во петок, сабота и недела, а потоа во понеделник ќе го имаме вториот круг на стратешкиот дијалог САД -Грција, што ги обединува сите различни столбови од работата што ја правиме заедно: одбранбените теми, нашата инвестиција во економската соработка, нашата

енергетска соработка, нашите врски меѓу луѓето, борбата против тероризмот. И мислам дека тоа е една од работите што навистина ги разликува односите денес. Ние соработуваме како партнери, како сојузници, како земји што делат интереси и како земји што делат вредности, рече Пајат во понеделникот. 

Треба да знаете
Последни објави