Русија бара Комисијата за разоружување на ОН да се пресели во Европа

Заменикот на постојаниот претставник на Русија во Обединетите Нации, Дмитриј Пољански, предложи Првиот комитет на Генералното собрание, кој се занимава со прашањето на разоружувањето и меѓународната безбедност, од 2020 година да се пресели од Њујорк во Виена или во Женева, пренесува ТАСС.

Пољански го предложи ова на заседанието на комитетот, бидејќи американските власти не му одобрија визи на еден дел од руската делегација која требаше да присуствува на тој состанок.

„Со цел нормализирање на работењето на Првиот комитет и на Комисијата за разоружување, сметаме дека е неопходно да се разгледа можноста за одржување на идните сесии во 2020 година надвор од САД, на пример во Виена или во Женева. Ние сме подготвени подетално да разговараме за ова прашање на тековната сесија на Генералното собрание на ОН“, рече Пољански.

Тој потсети дека во согласност со спогодбата од 1947 година, САД имаат обврска да им обезбедат пристап до централните институции на ОН, без исклучоци, на сите официјални претставници на државите и да им издава визи, бесплатно, во најкус можен рок.

Пољански исто така предложи работата на Првиот комитет да се спроведува во форма на неформални консултации се додека не биде решено прашањето со издавањето американски визи за руската делегација. Тој додаде дека правото седиштето на ОН да биде во Љујорк е всушност привилегија што САД ја имаат и поради тоа тие се должни да гарантираат пристап до институциите на сите претставници од другите држави.

Треба да знаете
Последни објави