Средба Пендаровски-Помпео: Продлабочување на стратешкото партнерство со САД

Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео во исклучително важен период за нашата земја, е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија, порча претседателот Стево Пендаровски по денешната средба со шефот на американската дипломатија во „Вила Билјана” во Охрид.

– САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји, истакна Пендаровски.

Тој се заблагодари за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

– Северна Македонија ќе продолжи со тесната соработка со САД. Сметам дека е неопходна зголемена американска поддршка во претстојниот период, во кој Северна Македонија треба да стане 30-та членка на НАТО и да ги започне пристапните преговори за членство во Европската унија, рече претседателот Пендаровски.

Секретарот Помпео, информираат од Кабинетот на шефот на државата, се заблагодари за топлото добредојде во Северна Македонија, која е трета етапа од неговата турнеја, во чии рамки веќе ги посети Италија и Црна Гора, а од Охрид ќе отпатува за Грција.

Тој потврди дека американската поддршка во продлабочувањето на пријателството меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина, што е значајно не само за Република Северна Македонија, туку и за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Треба да знаете
Последни објави