Бипартизмот во Македонија е во претсмртна агонија. Клуч за изборите во 2020 година ќе биде како да се обезбеди што поголема партиципативност на граѓаните во политичкиот живот. Тоа двете големи политички партии, за жал, сега не можат да го обезбедат. Време е за нови идеи, за нови партии и за нови луѓе во политиката.
Македонија е длабоко потоната во разочараност и во политичка апатија. Последните анкети на јавното мислење, покрај драматично зголемената недоверба во институциите, во политичарите и во државата воопшто, ги потврдија проценките дека сегашниот потенцијал за излезност на следните парламентарни избори е под 30 отсто. Бипартизмот е во претсмртна агонија. Со таква излезност, двете најголеми политички партии во земјава не можат да се надеваат дека ќе постигнат резултати со кои ќе можат да формираат легитимна и функционална влада.
Тоа е вистинската причина поради која СДСМ ја покрена кампањата „На прав пат“. Веројатно некој ќе се сети дека во мојата колумна под наслов „Граѓаните раскарани, мафијата обединета, а другарчињата ќе терале кампања!?“, јас уште пред две недели ја најавив оваа кампања. Тогаш нагласив дека намерата граѓаните да се убедат на животот да погледнат низ розови очила е бесмислена. Исто така, предупредив дека дел од таа пропагандна акција на власта ќе биде обидот за континуирана дифамација и за систематско поткопување на кредибилитетот на личности од јавниот живот, за кои се смета дека со своите критики на владата на Заев придонесуваат за драстичниот пад на нејзината популарност. Таа акција сега е во полн ек, недоквакани денунцијанти и некадарници шират лажни вести и говор на омраза во медиумите кои сѐ поотворено се декларираат како „перјаници на СДСМ“, а кампањата вирално се шири и на социјалните мрежи.
Според моите очекувања, јас сум на таа листа за отстрел на „непријателите“ на новата власт. Ја известувам јавноста дека во овој момент против мене се употребуваат и мерки на следење, за што веќе известив надлежни функционери, претставници на две новинарски здруженија и претставници на три амбасади на влијателни земји членки на НАТО. Токму денеска дојдов и до првиот материјален доказ за таа шпионска активност, за што ќе известам кого треба уште во текот на утрешниот ден. За ова, засега толку. Повеќе откако ќе го добиеме толку очекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ.