,,По се изгледа на СДСМ им се малку парите на граѓаните кои си ги делат преку тендери, концесии, лиценци и грантови, па мора да посегнат и по парите кои пристигнуваат од Европските фондови во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Вчера го отворивме скандалот со злоупотребата на средства на агенцијата и сомнителното фаворизирање на исти невладини организации за кои нема објаснување од страна на Националната агенција, а денеска ќе посочиме на кој начин истата таа агенција, предводена од директорката Лидија Димова, распишувала и доделувала тендери вредни стотина илјади евра. Граѓаните на Република Македонија, но и нашите европските партнери заслужуваат одговори за трошењето на нивните пари”, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, примарната дејност на Националната агенција е да распределува средства за образовни институции и невладини организации, но сепак таа решава дека треба да потроши 6 милиони денари на себепромоција.
,,На 04.10.2018 на сајтот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и нивната Фејсбук страница, беше објавен повик за набавка за услуги од PR агенција во вредност од 100,000 Евра. Набавката беше реализирана исклучително сомнително, со заобиколување на системот и Законот за јавни набавки, затоа што Законот за јавни набавки во член 99 и 198 дозволуваат набавка која што ќе оди по скратена постапка во случај на итност односно немање доволно време да се спроведат бараните процедури. Токму со овој изговор Националната агенција го правда начинот на кој е склучен договорот со PR агенцијата, односно се правда фактот што објавата за набавката е само на сајтот.
Целата скандалозна процедура започнува со набавка за услуги од PR агенција преку веб системот за јавни набавки и тоа за 50,000 евра. Истата пропаѓа затоа што добитникот наводно не доставил банкарска гаранција. Тоа значи дека компанијата ги исполнува сите услови но не доставува гаранција и повикот е поништен. Само еден месец подоцна Агенцијата го објавува целосно истиот тендер но овој пат не се пријавува никој. Овде веќе е очигледно дека оваа објава е за да се испочитува законот само про-форма. Оваа објава пропаѓа затоа што никој не се пријавил. Потоа агенцијата објавува набавка за истата работа, но овој пат само на нивниот сајт! Покрај тоа што не е објавена набавката преку системот за јавни набавки, интересно е што износот е дуплиран односно сега вредноста е 100,000 евра. Се поставува прашањето, доколку клучниот елемент на набавката е дупло зголемен и доколку активностите односно бараните услуги се променети дали во овој случај не се работи практично за нова набавка?
Дополнително, фрапантно е што во овој оглас не се бара банкарска гаранција како претходно иако средствата се двојно повисоки. Исто така огласот се објавува на веб страницата на Националната агенција со рок од 5 дена од кои 3 дена се петок, сабота и недела! Замислете некој треба да аплицира од четврток до вторник”, исаткна тој.
Андоновски праша зошто Националната агенција за европски образовни програми ги менува сумите од 50 на 100.000 евра, а не отпочнува нова постапка преку системот за јавни набавки?
,,Зошто во огласот објавен само на страната на Националната агенција не се бара ниту банкарска гаранција, кога за помала сума се барало ваков тип на осигурување?Кои лица се вклучени во изборот на оваа компанија и дали критериумите за оценување на пристигнатите апликации на огласот објавен на Националната агенција се во согласност со Законот за јавни набавки? Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја става во ризик целосната Европска перспектива на Република Македонија со вакви сомнителни набавки каде се директно инволвирани пари на Европската Унија.Одговорност бараме и мора да има”, додаде тој.