Црногорското Министерство за одбрана доби официјална понуда од американската Влада за набавка на 67 оклопни возила, вредни 36 милиони долари.
Потврда од црногорското министерство дојде откако американскиот државен секретар Мајкл Помпео рече во Подгорица дека оваа недела САД и понудиле на Црна Гора договор за најголемата продажба на воена опрема во историјата на двете земји, што вклучува испорака на лесни тактички возила во вредност од 36 милиони долари.
„Во наредните дваесет дена, очекуваме нашата Влада да прифати ваков вид деловен аранжман со Владата на САД и врз основа на тоа можеме да очекуваме да го имаме првиот контингент на возила во 2020 година, или дваесет возила до декември 2020 година“, рече Алма Љуљановиќ од Министерството за одбрана.
Станува збор за лесно оклопно патролно возило погодно за меѓународни операции. Тоа е дизајнирано да биде посилно, поспособно, пофлексибилно, полесно за транспорт и поправка, а пред сè, да обезбеди подобра заштита за војниците од својот претходник, ,,хамерот”.
Црна Гора на тој начин по Америка и Словенија, ќе стане третата земја чии војници ќе можат да го користат ова возило. Според најавата, набавката на воена опрема ќе се финансира со кредит, но не се објавени дополнителни детали.