,,Агенцијата за национална безбедност се претвора во агенција за партиска безбедност. Уште од самиот старт нарушен е кредибилитетот и целосно париски е контаминирана.Во оваа агенција под крајно сомнителни околности и без јасни критериуми се врши селекција на партиски подобни кадри, а како еклатантен пример за тоа е вработувањето на Јовче Ременски, сопругот на Фросина Ременски кој јавноста го поврзува и со Боки 13. Во оваа агенција е вработен и Ѕвонко Костовски, кој лично призна вина и беше осуден за криминал на затворска казна, но не е во затвор бидејќи е единствениот за кого не се повлече аболицијата од претседателот Иванов”, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, малку им беше партизацијата, па згора на тоа во Агенцијата за национална безбедност се ангажираат кадри кои се класичен пример за непотизам и судир на интереси. Селекција ја поминале брачни парови, чичко и внука, мајка и ќерка, мајка и син, брат и сестра и уште многу други сомнителни случаи.
,,Согласно член 2 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Дополнително службените лица кои биле дел од процесот на селекција имаат приватен интерес што би можело да се доведе во судир со нивната службена должност во иднина, по што согласно член 72 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, секое службено лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.
Ова не се само забелешки на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на јавноста, па дури и на ДКСК. Но тоа очигледно на Виктор Димовски и на власта не им значи ништо. Тие и покрај јавните заложби за професионализација, на дело спроведуваат партизирање и полнење на институцијата со кадри компромитирана заради непотизам и судир на интереси.
За жал и покрај консензусот за носење на нов закон за АНБ и реформирање во безбедносниот сектор, власта уште од самиот старт почна да го прекршува законот. Не се обезбедија јасни и објективни критериуми и наместо тоа комисијата за селекција субјективно одлучуваше без да спроведе тест за интегритет и полиграфско тестирање. Тоа говори дека целата селекција била само фарса во која политички неподобните кадри биле исфрлани, а избирани биле партиски подобни лица или ќерки, внуки, синови, снаи и други роднински врзани лица.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако постои вистинска искреност кај власта, селекцијата на кадри треба да биде проверена или повторена. Неопходно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на сите кандидати.Само на таков начин можеме да изградиме европска безбедносна агенција која ќе биде соодветен партнер на европските, а не Агенција која ќе биде партнер на Заев и неговата погубна политика”, додаде тој.