Од утре топли радијатори. Поради ниските температури грејната сезона наместо на 15 ти октомври, стартува една недела порано.
Од Бег велат дека според правилникот за снабдување со топлинска енергија во зависност од временските услови радијаторите може да бидат вклучени и порано, но не пред први октомври.
Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија, испораката може да започне и пред 15-ти, но не пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени, се вели во дописот од Балкан Енерџи Груп.
Од Бег појаснуваат дека стартот на грејната сезона порано од вообичаеното, нема да ги зголеми авансните сметки што ги добиваат потршувачите. А за да се овозможи редовна и квалитетна испорака на топлинска енергија апелираат до потрошувачите кои имаат дефекти на внатрешната инсталација да ги остранат во најкус можен рок.
Апелираме и до Заедниците на станари и Управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите, се вели во дописот на компанијата.
Во моментов градско парно користат повеќе од 50 илјади домаќинства.