Во четврток, на 10 октомври во Нови Сад, ќе се одржи трилатерален состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, соопштија од Кабинетот на српскиот претседател.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, состанокот ќе се одржи во Офицерскиот павиљон на Петроварадинската тврдина.
Претседателот на Србија Вучиќ, претходно најави дека со премиерите на Северна Македонија и Албанија ќе разговара за отстранување на бариерите за слободен проток на стоки и услуги меѓу трите земји.
Тој притоа оцени дека станува збор за „епохална идеја” која добила „целосен консензус” од премиерите на Северна Македонија и Албанија.
-Сфативме дека поединечно сме мали и слаби, но ако се обединиме во однос на економските слободи, ако излеземе како блок кон Европската Унија и другите, верувам дека нашата сила ќе биде неспоредливо поголема. Сакаме поцврсто економски да се поврземе, со што драматично би го зголемиле нивото на инвестирање, такво опкружување каде би имале целосна слобода на движењето, сообраќајот и услугите, сето ова би не подигнало и за тоа наидов на целосна отвореност на Заев и Рама, кажа претседателот на Србија.