Групата „Битлси“, легендарната ливерпулска четворка, успеа да го собори сопствениот рекорд и со албумот „Abbey Road“ да се најде на врвот на топ-листата и тоа 50 години по излегувањето на првото издание.
Посебното, јубилејно издание на нивниот единаесетти албум, „Abbey Road“, на кое се појавуваат некои претходно необјавени материјали, со хитови како „Come Together“, „Oh! Darling“ и „Here Comes The Sun“ е објавено во септември, точно на педесетгодишнината од неговото објавување.
На 31 јануари 1970 година, овој албум се најде на првото место на топ-листите, што значи дека по 49 години и 252 дена, повторно се најде на иста позиција, соборувајќи го претходниот рекорд што го имаше нивниот албум „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ .
Критиката го сметаше „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ за најдобар албум на Битлси долго време, а повторно е објавен во јуни 2017 година, враќајќи се на прво место на топ-листите по 49 години и 125 дена. Така, Битлси сега успеаја да го соборат сопствениот рекорд за повеќе од 100 дена.
Овој успех го изненади сер Пол Мекартни, иако тој и натаму смета дека ова е „проклето добар албум“.
Во исто време, Abbey Road е најпродаваниот винил оваа недела, со нешто помалку од 9.000 продадени примероци.