Новоименуваниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел, вели дека дијалогот помеѓу Белград и Приштина предолго трае.
Тој додаде дека моментната состојба не може да продолжи и мора да биде постигнат договор за што тој силно ќе се ангажира, а првин ќе ја посети Приштина бидејќи, како што вели, Србија добро ја познава, пренесе „Б92“.
„Јасно е дека Косово и Србија мора да постигнат договор. Тоа е важно. Ќе направам сè што е во мојата моќ за да го исполнам овој приоритет“, рече Борел.
Тој во Европскиот парламент порача дека дијалогот помеѓу Белград и Приштина мора да продолжи.
„Косово мора да ги повлече таксите, а Србија да се ангажира целосно на длабок и искрен дијалог“, оцени Борел.
Запрашан дали кредибилитетот и интегритетот на неговите политики во дијалогот помеѓу Белград и Приштина ќе бидат доведени во прашање поради позицијата на Шпанија, која не ја признава косовската независност, Борел вели дека иако земјата членка се разликува по прашањето за признавањето, тие се обединети во својот ангажман на решавањето на проблемите.
„Ако Кина, Индија и Русија не го признаат Косово, Косово нема да биде држава. Затоа мораме да работиме за разговорите да продолжат“, порача Борел.
Досегашниот шеф на дипломатијата на Шпанија додаде дека добро ја познава Србија, а во Косово досега не бил од очигледни причини.
„Затоа мојата прва посета ќе биде Приштина“, наведе Борел.
Тој заклучи дека ЕУ не може да биде геостратешка сила ако првин не го реши проблемот во своето непосредно опкружување.