Владината делегација со чешкиот вицепремиер во Брно – Можности за зголемување на соработката во повеќе сектори, условите за инвестирање во Северна Македонија препознаени како особено поволни

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, министерот задолжен за унапредување на правната регулатива за домашни компании Хисен Џемаили и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски ја започнаа работната посета на Брно, Република Чешка, кадешто овие денови се одржува најголемиот инжинерски саем во Централна Европа.

Пред свеченото отворање на саемот, официјалната Владина делегација оствари средба со вицепремиерот и министер за трговија и индустрија на Република Чешка, Карел Хавличек, со кого разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и потенцијалите за зголемување на трговската размена, можностите за инвестирање и енергетските реформи во нашата земја.

По состанокот помеѓу двете делегации, вицепремиерот Анѓушев истакна дека постои простор за проширување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во делот на пласирање земјоделски производи во Република Чешка, интензивирање на соработката помеѓу чешките и компаниите од Северна Македонија, како и во поглед на инвестиции од Чешка во нашата земја.

„Веќе имаме пример на чешка инвестиција, тоа е  компанијата Локотранс, којашто има најавено дека ќе гради фабрика во нашата држава за шински возила. Се обидуваме да привлечеме и други компании, не само да градат, туку и да бидат купувачи на производите од нашите индустриски капацитети. Денес и утре ќе имаме средби со бројни компании во Чешка и мислам дека ќе имаме добар развој на соработката и економската размена меѓу нашите две земји“, изјави вицепремиерот Анѓушев по средбата со Хавличек.

 

Чешкиот вицепремиер Хавличек изрази задоволство од одржаниот состанок и добиените информации за инвестициските можности во Северна Македонија, особено за условите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони.

https://youtu.be/HBcw5PUUBpw

„Дефинитивно би сакале да ги дискутираме условите за инвестирање во ТИРЗ во Северна Македонија со сите претставници на чешките претприемачи, Стопанската комора и Конфедерацијата на индустрии, затоа што верувам дека многу чешки компании ќе бидат заинтересирани за производни активности во зоните“, нагласи Хавличек.

Денес започна инжинерскио саем во Брно, најголем настан од овој тип во Централна Европа, на кој се присутни околу 1600 изложувачи од Чешка и целиот свет, а се очекува саемот да биде посетен од над 80 илјади посетители.

Треба да знаете
Последни објави