Утре Вилма Рускоска ќе ја слушне верзијата на Боки 13 за случајот „Рекет“. Истрагата е завршена, а првоосомничениот за аферата со изнуда на пари, по речиси три месеци во притвор, за првпат ќе зборува во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Досега Рускоска собра искази на сведоци и на лица кои можат да дадат информации за случајот, но нема исказ од тројцата осомничени – Бојан Јовановски, Зоран Милевски – Кичеец и Катица Јанева.
На Боки 13 му истекува и рокот од 15 дена, кој му овозможува увид во доказите на Рускоска, како и можноста да предложи свои докази. Јовановски минатата недела лично во Апелациониот суд побара да биде пуштен од Шутка. Побара поблага мерка – затворската ќелија да ја замени со болнички кревет, поради сериозно нарушена здравствена состојба. Дополнително како олеснителна околност ја посочи завршената истрага за „Рекет“. Сепак, апелациските судии стравуваа дека Боки може да избега и ја одбија неговата жалба.
Адвокатите на Катица Јанева допрва треба да одлучат дали таа ќе даде исказ пред Вилма Рускоска.