Уметност, насмевки и добро расположение на 15-тата јубилејна „Бела ноќ“

Големата присутност, многуте насмеани лица, во добро и пријателско расположение можеби најдобро од сѐ ја отсликаа овогодинешната јубилејна 15-та по ред „Бела ноќ“.

Веќе традиционално, првата сабота од октомври градот Скопје пулсираше во ритмот на културата, уметноста и добрата музика. На 15 локации беа изведени изложби, театарски перформанси, претстави, концерти, и концертни настапи, кои ја одбележаа саботната вечер.

На еден од централните настани, пред Универзалната сала, музичките легенди Славе Димитров, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Лидија Кочовска, заедно со Сашо Гигов – Гиш, Ѓоко Танески, Ај Кју и Сара Мејс и публиката се забавуваа со незаборавните мелодии од „Скопски Фестивал“. Фестивалот не се одржува веќе 4-та година, а дотраениот објект на Универзалната сала веќе 3-та година не е во функција. На крајот на концертот, по заедничката изведба на легендарната „Чија си“ со Славе Димитров, пејачите заедно со присутните апелираа за враќање на „Скопскиот фестивал“ и обновување на еден од симболите на градот Скопје, Универзалната сала.

https://www.facebook.com/belanokskopje/videos/516191285842428/

 

Овогодинешните победници на 3Д мапинг натпреварот на фестивалот на светлината Skopje Light Art District, Џереми Ури и Милош Лисински, ја отсликуваа својата визуелна уметност на фасадата на катната гаража „26-ти јули“. Во МКЦ, во рамки на „НЕкултура“ фестивалот, со домашна поддршка, настапи британското електронско дуо, Paranoid London.

Националната Опера и Балет со поставките на „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, одбележа 70 години постоење, а во МНТ се одигра претставата КРУГ, во режија на Наташа Поплавска, со Дејана Поповска и Јакопо Гарфањоли во главните улоги. Во Музејот на современата уметност пак, свој заеднички настап имаа пијанистката Ема Попивода и диџејот Андреј Мицајков.

Многу други изложби, претстави и кино проекции се одвиваа истовремено и на другите локации и простори кои беа дел и со својата програма придонесоа за комплетирање на програмскиот дел на јубилејната 15-та „Бела ноќ“.

Треба да знаете
Последни објави