Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и Ибрахим Суха Џем, директор на турската компанија АД „Џемдаг осветлување-производство и трговија“ денеска потпишаа договор за јавно-приватно партнерство за модернизација на системот за јавно осветлување на територија на општината со лед светилки.
Со тоа, „западната порта“ на Скопје за само шест месеци ќе блеска во нов сјај. Без задолжувања и кредити, општина Ѓорче Петров воведува нов автоматизиран систем на јавно осветлување со најсовремена опрема и лед светилки кои се управуваат и мониторираат преку системот за контрола и надзор.
-Застарените системи, недоволната покриеност со столбови и старите светилки претставуваат голем проблем за општина Ѓорче Петров. Големиот број на поплаки ќе го елиминираме воведувајќи ЛЕД-технологија на улично осветлување. Во следните шест месеци, фирмата „Џемдаг“ комплетно ќе ги промени старите 2.887 светилки со нови, енергетски ефикасни ЛЕД светилки – рече градоначалникот Наумоски.
Менувањето ќе стартува од Дексион, кон урбаните заедници Мирче Ацев, Ѓорче Петров, Хром, потоа се преминува преку мостот кон населбата Даме Груев, и кон Ново Село, Стопански Двор, Кисела Јабука, Волково со што на почетокот на следната година, осветлувањето ќе се финализира во Орман, Никиштани и Кучково.
Турската компанија „Џемдаг“ во наредните 12 години ќе обезбеди дополнителни 983 светилки и ќе ги постави на нови линии каде претходно немало осветлување, а локациите ќе се одредат во консултација со граѓаните. Паметното осветлување ќе биде поекономично и ќе има можност за програмирање, односно светилките ќе се прилагодуваат кон условите, и во различен период од ноќта ќе имаат различен интензитет на светлина. По промената на светилките ќе се пристапи кон следната фаза, со која ќе се извади опремата од главните трафостаници во посебни орманчиња со што ќе се постигне независност од ЕВН Македонија. Секоја светилка ќе има своја шифра, а преку воспоставениот кол-центар граѓаните ќе можат во секое време да пријават проблем, при што фирмата „Џемдаг“ за 48 часа ќе го отстрани дефектот.
Поради намалување на потрошувачката на електрична енергија за 60 отсто во однос на референтната вредност ќе се намалaт загадувањето, емисиите на ЦО2, трошоците за одржување на системот, а ќе се постигне и рационално планирање на системот за јавно осветлување, како и заштита од кражби на струја со идентификација на диви приклучоци.
-Ѓорче Петров ќе биде меѓу првите општини во светот со ваков вид осветлување на општинско ниво. Вие сте пример како со новите светилки ќе се намалат загадувањето и бројот на сообрќајни незгоди, а ќе се зголеми сигурноста кај луѓето, особено навечер. Следно, ќе преминеме во понапредна фаза со целосна автоматизација и централизаирана контрола на системот – истакна Суха Џем на денешното потпишување на договорот.
Вредноста на дванаесетгодишниот договор за ЈПП изнесува вкупно 168.481.580 денари, или месечно општината ќе издвојува 1.170.011 денари за оваа намена. Тоа, се всушност пари на граѓаните кои тие месечно ги уплаќаат за јавно осветлување со сметките за електрична енергија.
„Џемдаг“ не се непознати на нашиот пазар. Претходно, со ваков договор успешно извршија промена на светилките во Ресен.