ЕУ апелира на смирување на тензиите во Сирија

Европска Унија денеска повика на смирување на ситуацијата во северниот дел на Сирија и предупреди дека нови судири би можеле да доведат до голем егзодус на населението.

Апелот на ЕУ уследи по најавата на Турција дека нејзини трупи ќе почнат офанзива во пограничното подрачје и по соопштението на Белата куќа дека почна повлекувањето на американските сили од тој регион.

Портпаролката на Европска комисија, Маја Коцијанчич изјави дека „обновените вооружени непријателства во североисточна Сирија нема да го влошат страдањето на цивилите и да доведат до масовно раселување, туку и сериозно ќе ги загрозат моменталните политички напори”.

Таа истакна дека ЕУ и понатаму е посветена на „единството, суверенитетот и територијалниот интегритет” на Сирија и оти долгорочното решение на судирите „нема да биде постигнато со воени средства, туку да се бара вистинска политичка транзиција”.

Турција со месеци се заканува со воена операција за потиснување на борците на сириските Курди од пограничниот регион, каде сака да формира безбедносна зона во договор со САД.

Претходно, и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков откако САД објавија дека ги повлекуваат силите од североисточниот дел на Сирија, изјави дека мора да биде зачуван територијалниот интегритет на земјата.

Песков наведе дека Турција и Русија имаат ист став за сирискиот територијален интегритет.

– Се надеваме дека нашите турски колеги ќе се придржуваат до тој став во сите ситуации, посочи Песков.
Тој го повтори ставот на Москва дека сите воени сили „со илегално присуство” треба да ја напуштат Сирија.

Треба да знаете
Последни објави