Каменеи: Непријателите сеат раздор помеѓу Иран и Ирак

Иранскиот врховен лидер Али Каменеи ги обвини „непријателите” дека се обидуваат да внесат раздор помеѓу Иран и соседниот Ирак.

Во двете држави во текот на изминатата недела имаше протести за време на кои загинаа повеќе од 100 луѓе, а повеќе од 6.000 се повредени.

– Иран и Ирак се две нации чие срце и душа се поврзани. Непријателите се обидуваат да сеат раздор, но не успеаја и нивниот заговор нема да има ефект, напиша Каменеи во твит, но не прецизира кои се непријателите.

Според иранската официјална новинска агенција Ирна, твитер пораката е објавена како реакција на демонстрациите во Ирак, главно во Багдад и јужниот дел од Ирак, од 1 октомври, на кои се бара заминување на владата поради корупција и економски реформи.

Демонстрациите се одржуваат во време кога илјадници Иранци тргнаа на годишен шиитски аџилак на гробот на имамот Хусеин во Кербала, 110 километри јужно од Багдад.

Иран ги повика своите државјани кои планираат да одат во Ирак на голем аџилак да го одложат заминувањето. Иранската телевизија на 2 октомври објави дека е затворен еден од трите гранични премини што ги користат верниците за патување во Ирак.

Во 2018 година околу 1,8 милиони Иранци беа на аџилак по повод Арбаин.

Треба да знаете
Последни објави