На утрешната владина седница ќе донесеме одлука за спроведување функционални анализи согласно со методологијата што веќе ја усвоивме во сите органи од државната управа кои досега ја немаат спроведено, како и препорака за останатите институции од јавниот сектор да го направат тоа, најави вечерва министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
-Откако ќе ги добиеме резултатите од функционалната анализа, како и од анализите што за нас ги прават европски експерти кои согледуваат кои се институциите што се преклопуваат со своите ингеренции, кои институции треба да се спојат, кои можеби треба да престанат да постојат или да се формираат нови, ќе ја направиме финалната структура како треба да изгледа во иднина новиот систем во јавниот сектор. Откако ќе ги добиеме резултатите, за категоријата на луѓе кои ќе се најдат на тие работни места, за она што ќе се детектира дека е вишок на работно место предвидуваме три базични пакети, рече Манчевски во емисијата 24 Тренд анализа на ТВ 24 вести.
Првиот пакет предвидува, рече Манчевски, доколку има заеднички интерес на вработениот во јавниот сектор и на приватната фирма за да премине во приватната компанија, новиот работодавач да има обврска да му понуди повисока плата на вработениот, а државата ќе го субвенционира делот за придонесите.
Вториот пакет ќе биде државата да ја плати преквалификацијата на вработените од јавниот сектор кои треба да преминат во приватни фирми согласно потребите на приватниот сектор. Третиот пакет ќе биде метод со отпремнина преку кој ќе им се понуди одреден финансиски пакет на работниците доколку се заинтересирани до го прекинат својот работен однос во јавниот сектор.
-Ова се трите основни идеи, но ние сме отворени за дополнителни предлози и механизми кои би биле прифатливи за сите во понатамошен дијалог со стопанските комори и синдикатите. Ништо не е дефинитвно и крајно и сакаме преку јавни дебати да успееме да најдеме заедничко прифатливо решение кое ќе биде бенефит за сите. Сега е направен само концептот како треба да изгледа системот во иднина, за да се надмине институционалниот хаос, потенцира Манчевски.