АД ЕСМ, подружница ,,Енергетика”, почна со испорака на топлинска енергија, пред официјалниот почеток на грејната сезона.
Парно греење денеска добија 3.546 домаќинства, 17 основни и средни училишта и детски градинки и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.
Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, испораката може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во управната зграда на „Енергетика“ во населба Железара достапна е канцеларија за сите информации потребни на граѓаните, како и телефонските броеви 3104 816 и 3104 872.