Шкотскиот суд го отфрли денеска барањето од активисти кои бараат донесување наредба, со која ќе се принуди британскиот премиер Борис Џонсон да бара одложување на Брегзит доколку не постигне договор со ЕУ за помалку од две недели.
– Владата прифаќа да води политика согласно Законот од 2019 година. Имајќи го предвид јасно изразениот став на Владата пред судот, нема потреба за принудни наредби за Владата или премиерот, истакна судијата.
Адвокатот Џо Могам, еден од поднесувачите на барањето, додаде дека утре ќе поднесе жалба до шкотскиот највисок суд.
Џонсон повеќе пати се заколна дека Британија ќе го напушти европскиот блок на 31 октомври и оти за него е подобро да го најдат „мртов во ендек” отколку да побара натамошно одложување.
Минатиот месец Парламентот усвои закон, кој му наложува на Џонсон да побара одложување на Брегзит доколку не успее да постигне договор до 19 октомври, освен ако не добие одобрение од пратениците за излез без никаков договор.
Џонсон нагласи дека ќе се придржува до законот, но ќе се држи до своето ветување дека Британија ќе ја напушти ЕУ до 31 октомври, без објаснување на таа противречност.