Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа најави вечерва дека наскоро ќе има средба со лидерот на Движењето „Самоопределување”, Албин Курти со цел да разговараат околу можноста за формирање постизборна коалиција.
По преброени 100 отсто од редовните гласачки ливчиња, Движењето „Самоопределување”, како првопласирана партија на предвремените парламентарни избори во Косово, води со околу 5.000 гласови пред Демократскиот сојуз, кој е второпласиран.
Мустафа на својот Фејсбук профил напиша дека ДСК добил широка поддршка од граѓаните, а оние кои „погрешно управувале со земјата” биле казнети на изборите.
– Во многу блиска трка, 50:50, победници се ДСК или Самоопределување (ВВ), а тоа конечно ќе се знае кога ќе се пребројат сите гласови на граѓаните, напиша Мустафа.