Лидерот на Народната партија на Австрија (ОВП) Себастијан Курц денеска ги продолжи разговорите за формирање влада по победатата на предвремените парламентарни избори. Тој денеска се сретна со шефот на Слободарската партија (ФПО) Норберт Хофер, кој порача дека неговата партија, засега, не е подготвена да учествува во идната влада.
По средбата, Хофер рече дека двете партии се согласни дека новата влада мора да совлада одредени предизвици, како што се борбата против лошиот економски тренд во светот, како и безбедноста. Тој посочи дека разговарале за економските последици од Брегзит и конфликтот во Сирија, оценувајќи дека тоа се две теми со кои новата влада ќе се соочи.
Што се однесува на учеството во новата влада, Хофер рече дека претходно мора многу работи да среди во сопствената партија. Тој повтори дека изборниот резултат на ФПО, која изгуби многу во споредба со изборите во 2017 година, не претставува налог за влез во влада. Меѓутоа, доколку дојде до неуспех во формирањето нова влада, Хофер најави дека ќе го свика Претседателството на ФПО за одново да ја анализираат состојбата. Хофер смета дека Курц прво треба да се обиде да формира влада со другите партии во парламентот, а доколку не успее – тогаш да се обрати до ФПО.