По укажувањата на Венециската комисија, последниот Закон за употреба на јазиците мора да се повлече, велат од партијата Глас за Македонија на Солза Грчева.
Од таму додаваат дека во земјава не се зборува за многу посериозни проблеми кои ги имаат Албанците.
„Албанците во Македонија имаат жесток проблем со масовно исселување од државата, со обезбедување на основна егзистенција, изложени се на постојан рекет, како и на отворено барање за поткуп кога бараат услуга од која било институција, вклучувајќи ги и болниците“, се наведува во партиското соопштение.
Од Глас за Македонија велат дека двојазичноста на цела територија на државата е само евтина карта во рацете на политичките елити, кои досега не решиле ниту еден горлив проблем на албанската заедница.
„Од симболи не се живее и ова значи потценување на вистинските потреби на албанскиот народ. Имаме Охридски договор, преточен во Уставот, кој обезбедува потполна рамноправност на сите малцински заедници. Тој мора да се почитува, но не и слободно да се толкува. Официјален јазик во функција на интегрирање и унитарност на државата, на целата територија е македонскиот јазик како што е запишано во Уставот“, нагласуваат од партијата на Грчева.