Компанијата „Маркарт“, која како странска директна инвестиција на германската „Маркарт Груп“ вредна 35 милиони евра, после пет години работење, донесе одлука да ги прошири своите капацитети и да отвори нови работни места во нашата земја. По тој повод, на покана на „Маркарт“, една од водечките производители во светот на електромеханички и електронски прекинувачи и преклопни системи за автомобилската индустрија и во индустриите за електрични алати и апарати за домаќинство, претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска ја посети компанијата и се сретна со нејзините менаџери.
„Тоа е одличен повод да се сретнеме со менаџерите на компанијата и да ги охрабриме во остварувањето на нивната намера. Оваа средба беше одлична прилика уште еднаш, овој пат, непосредно, да го запознаеме раководството на компанијата со можностите и со придобивките што им стојат на располагање како придобивки за реализација на нивната намера да инвестираат во нови проширувања на нивните капацитети“, истакна премиерот Заев во изјава за медиумите после средбата во „Маркарт“. Тој додаде дека една од мерките за која било зборувано е последната во низата – субвенцијата за придонесите доколку одлучат да им ги зголемат платите на своите вработени, како особено важно за оваа компанија бидејќи станува високо квалификувани работници од електронската дејност во автомобилската индустрија што ги прави конкурентни на пазарот на трудот. Втората голема придобивка од оваа и ваквите слични средби со другите компании како директни странски инвестиции, рече премиерот Заев е што низ разговорот со нив може да се слушнат нивните потреби, сугестии и решенија за одредени прашања од нивното работење.
„Тоа е одличен начин директно од индустријата, на терен, да се информираме за потенцијалите за усовршување на условите за развој на компаниите, за нивните дилеми пред да започнат нов инвестициски циклус, и на тој начин да го усовршуваме системот за поддршка на странските инвестиции. Најважно од оваа комуникација е што овие средби и разговори се секогаш од огромна придобивка за граѓаните, зашто новите инвестиции отвораат нови работни места, повисоки плати, и повисок стандард на живеење“, додаде премиерот Заев. Во изјавата за медиумите, д-р Харалд Маркарт, сопственикот на компанијата „Маркарт Груп“, истакна дека „Маркарт“ во Северна Македонија е целосно подготвена да инвестира во нов развој на компанијата во земја со брза развојна економија, и дека се подготвени да учествуваат и во поддршката на образованиот систем за креирање на стручни кадри за работа во високо-технолошки индустрии.