Предвремени избори ќе има кон крајот на октомври 2020 година, односно 45 дена пред редовните, изјави премиерот Зоран Заев при денешната посета на фабриката „Маркарт” во Велес, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има предвремени избори и дали веќе е отпочната изборната кампања.
Заев нагласи дека интенција на Владата, секој ден, недела и месец, е да покаже што значат придобивките во економијата, растот, новите работни места и импактот од ЕУ и НАТО.
– Надежта за конечни одлуки за стратешките цели за државата ќе бидат исполнети сега во средината на октомври, декември-јануари или февруари, во зависност од одлуките на Шпанија за НАТО, рече Заев.
Тој појасни дека земјите, како Бугарија, Хрватска или Романија, кога станува членки на НАТО и кога ги отвораа процесите на преговори со ЕУ, буквално живееја „меден месец”, кој според него, не се повторува.
– Ова е тој период, кој ние буквално не можеме да очекуваме дека сериозно ќе се повтори во иднина и тоа се причините зошто сметаме дека треба да се оди на редовни избори, потенцира Заев.
Тој појасни дека оваа кампања која моментално ја водат е за да се финализираат двегодишните активности на Владата, нејзините сериозни успеси да им ги доближат граѓаните и да отворат дебата.
– Озарени во периодот којшто доаѓа пред нас, сакаме да научиме нешто од граѓаните и да ги увидиме слабостите и предностите, задоволството и незадоволство и да можеме да разговараме и дефинитивно да потврдиме дека навистина тоа е вистинскиот пат по којшто треба да се движиме. Верувам дека ваквите кампањи ќе го конформираат мислењето коешто ние го имаме од граѓаните за идните поддршки кои треба да ги даваме. Кампањата има временски лимит токму оваа есен и верувам дека ќе ја завршиме пред новогодишните празници, информира Заев.
Тој нагласи дека се прави ребрендирање на СДСМ, со цел партијата дефинитивно да се промени, да се модернизира и биде од помош на државата и граѓаните.
На новинарско прашање за преземањето на црвената боја од страна на СДСМ во кампањата, премиерот е дециден дека „црвената е наша македонска боја”.
– Тоа е нашето знаме. Црвената боја во секакви нијанси. Тоа е бојата на социјалдемократските партии пред се во Европската Унија и на социјалдемократските партии ширум Европа, појасни Заев.