Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации.
Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување.
Укажуваме дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и Предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста.
Со оглед на тоа дека е утврден концептот на новиот закон, во Министерството за култура засилено и посветено работи со работната група за подготовка на Колективниот договор за културата, во која се вклучени членови на СКРМ и на СОНК. Со КД се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата. Со КД, заедно со синдикатите ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата.
Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.01 2020 година.