На североисточниот брег на Бразил протекоа повеќе од 100 тони нафта, што претставува закана за екосистемот на плажите во 42 града. Министерот за животна средина на Бразил, Рикардо Салес изјави дека властите веќе еден месец преземаат мерки за заштита за да спречат помор на риби и други морски видови. Нафтата во морето е откриена откако беа пронајдени мртви желки, а пливачите и рибарите беа отстранети од загаденото подрачје. Нафтата е пронајдена на 105 места, а во тек е истрага за причините за загадувањето. Бразилската нафтена компанија „Петробрас” соопшти дека не станува збор за нафта од нејзините постројки. Претседателот на Бразил Жаир Болсонаро рече дека нафтените дамки на плажите во североисточниот дел на земјата не се од локално потекло.
– Тоа може да биде криминално злосторство, може да биде случајно протекување, а може и од брод кој потонал. Во нашите радари имаме земја која можеби е извор на овој протек и ние ќе продолжиме да правиме најдобро што можеме, рече Болсонаро.