Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во понеделник на 14 октомври, со почеток во 12 часот ќе се одржи книжевна средба во чест на Димитар Митрев, на која за неговиот лик и дело ќе говорат писателите и универзитетски професори Јелена Лужина и Иван Џепароски. На 14 октомври 1919 година, пред точно едно столетие, е роден Димитар Митрев, еден од основоположниците на македонската книжевна критика и теорија, маркантна фигура во историјата на македонската книжевност и култура. Бил критичар, есеист, полемичар, антологичар, фељтонист, еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија во 1947 година и во неколку наврати негов претседател, професор, декан на Филозофскиот факултет и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. Починал во 1976 година.
„Неговата личност и творештво се вградени во судбинските превирања и поетички потраги во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, низ кои се исцртувала развојната линија на македонската литература. Книжевно-теориските погледи, критиката и стилот на Митрев се неодминливи поглавја во македонската култутрна историја, но и изворишта на се уште жива мисла која може да даде своевиден придонес во толкувањето и на некои современи книжевни состојби“, велат од ДПМ.