Дебата на Советот за етика во Прилеп: Саморегулацијата во медиумите решение за професионалноста

Саморегулацијата во медиумите е вистинското решение за професионалност во новинарството и во медиумскиот простор, беше констатирано на денешната дебата на Советот за етика во медиумите за проблемите и моменталните состојби во медиумскиот простор во земјава, што по втор пат се организираше во Прилеп.

Извршниот директор на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева оцени дека иако според последниот извештај на Европската комисија има напредок во слободното изразување во земјава, сепак треба уште многу да се работи на професионализацијата во медиумскиот простор.

– Веќе пет години работиме на саморегулацијата. Според последниот извештај од Европската комисија од минатата година, која се повика од работењето на Советот за етика, до одреден степен има поместување на состојбите во однос на слободата на изразување, но сѐ уште треба новинарите и медиумите да работат на професионализација, односно на почитување на стандардите. Она на што работиме е етаблирањето на саморегулацијата, бидејќи колку повеќе ја има, толку помалку имаме рестриктивни закони, пред сѐ, спрема новинарската професија. Тие закони во минатото се злоупотребувале. Саморегулацијата е бавен процес, но на долг рок носи големи резултати: заштита на новинарскиот и на медиумскиот интегритет, ослободување од влијанието на одредени центри на моќ, секако и заштита на јавноста и понудата на квалитетни информации. Битна е ситуацијата на теренот каде слушаме за реалните состојби и предизвици, ги осознаваме притисоците со кои се соочуваат медиумите, незавидните финансиски и материјални услови во кои работат, истакна Тунева.

Што се однесува до лажните вести, според неа, станува збор за појава која е од поодамна и за неа се дискутира и на глобално ниво и на наше национално ниво. Според работата на Советот за етика во медиумите, тоа најчесто се поврзува со едностраното известување, кое, неретко, носи и погрешно пласирани информации.

Претседателот на комисијата за претставки Мирче Адамчевски нагласи дека дури 80 отсто од претставките кои ги има секојдневно, се однесуваат на интернет порталите, кои се и најбројни. Најголем проблем е едностраното известување, но проблем се и говорот на омраза,  дискриминацијата и мешање на фактите со мислења, ставови и информации.

– Претставките најмногу се однесуваат на не барањето втора или трета страна при известувањето, односно, не ги проверуваат информациите: слушнав, од наши изводи, дознавме… Можеби 80 проценти од поднесените претставки се однесува на едностраното известување. Забелешките допираат до медиумите, но не сакаат да ги објават претставките, иако се обврзани одлуката на Советот да ја објават. А најголемиот број на претставки се за порталите, зашто и се најбројни. Дали во причина е неедуцираноста, зашто има портали и со еден човек. Но, има портали со повеќе ангажирани луѓе и се етични, рече Адамчевски.

Неодамна Советот за етика во соработка со Здружението на новинарите и со бизнис заедницата покрена иницијатива за регистер на интернет порталите со исполнување критериуми со што ќе се одвојат професионалните од непрофесионални интернет портали.

– Ова е со цел да бараме, на еден начин, афирмирање на саморегулацијата. Да привлечеме интернет портали, да влезат во саморегулативното тело, но исполнувајќи одредени критериуми: да имаат Импресум, јасно наведено сопствеништво, објавени ценовници за рекламирање, да се знае кој стои зад текстовите, да не се крадат текстови, да се регистрирани правни лица, и најважното, да се обврзат дека ќе го почитуваат кодексот на новинарите и ќе учествуваат во процес на медијација. Неретко, при поплаки, медиумите даваат отпор и не одговараат на жалбите на Советот. А ние им даваме можност да се подобрат нештата, да се спречи евентуално тужење. Поврзувајќи се со бизнис заедницата и со саморегулацијата, таа ќе знае каде да се огласува и кој интернет медиум е кредибилен, рече извршниот директор на Советот, Марина Тунева.

Треба да знаете
Последни објави