Франција мора да развие будно општество во борбата против исламските милитанти, рече претседателот Емануел Макрон за време на оддавање почит на жртвите од терористичкиот напад со нож во седиштето на полицијата во Париз.
Макрон рече дека тоа прашање е за целата нација која треба да се обедини, да се покрене и да биде подготвена да одговори, пренесува „Ројтерс“.
„Самата администрација и сите државни служби нема да можат сами да ја надвладеат исламистичката хидра“, рече Макрон во полициската канцеларија во близина на катедралата Нотр Дам.
Повикувајќи се на чудовиштето во грчката митологија на кое кога ќе му се отсече главата ќе му израсне нова, Макрон истакна дека Франција мора да развие општество во кое сите ќе внимаваат на знаци на луѓе изложени на ризик да паднат под влијание на исламистичките екстремистички мрежи.
ИТ-експерт вработен во полицијата уби со нож тројца полицајци и административен работник пред да биде ликвидиран од полицијата.
Напаѓачот, кој е со потекло од Мартиник, по преминувањето во ислам имал контакти со лица што веројатно припаѓале на исламистичкото салафистичко движење, соопштија обвинителите.