Произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи од Здружението ММИ-Скопје бараат да им се врати лиценцата и од министерот за култура Хусни Исмаили бараат средба за да го запознаат со нивните права кои, како што наведуваат во отворено писмо, Министерството за култура речиси четири години не презема ништо да ги заштити.
-Се чувствуваме оштетени. Во време кога продажбата на плочи и цедиња е драстично намалена, единствено ни останува да живееме од хонорарите што ги добиваме од авторските и сродните права. И тоа не ни го дозволува државата. Немаме заштита на правата, тоа еден период го остварувавме, но за жал, речиси четири години му е одземено правото на нашето Здружение ММИ-Скопје да ги штити нашите права, пишува во писмото на ММИ.
Велат дека очекуваат брза реакција од министерот за култура и враќање на лиценцата на ММИ-Скопје во најкус временски рок.