Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утре ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, потврди обвинителката Вилма Русковска за Радио Слободна Европа.
Првоосомничен во случајот е Бојан Јовановски, кој не успеа вчера да даде исказ затоа што му се слоши додека беше во Јавното обвинителство, по што беше префрлен со Брза помош во Ургентниот центар. Второосомничениот е Зоран Милески Кичеец, кој е во домашен притвор, додека третоосомничената, Катица Јанева, одлучи да не дава исказ.
Се позасилени се шпекулациите дека Јанева има намера да се спогоди со Обвинителството и да признае вина за кривичните дела кои и се ставаат на товар.