Турските воени авиони почнаа со бомбардирање на позициите на курдската милиција во стратешкиот северен сириски град Тал Абјад, јави државниот радиодифузер ТРТ.
Турските единици, стационирани на околу шест километри од Тал Абјад, целат складишта за муниција, соопшти ТРТ, покажувајќи снимки, на кои се гледа како се издигнува чад од областа.
Портпаролот на курдските сили Мустафа Бали изјави денеска дека турските авиони почнале да напаѓаат „цивилни подрачја” во северниот дел на Сирија. Тој на Твитер објави дека нападите предизвикале „огромна паника меѓу луѓето во регионот”.
Претходно и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека почнал влезот на Турција во Сирија.
Официјална Анкара неколку дена ја распоредуваше војската околу границата со Сирија за напад против курдските борци, кои пак во борбата против терористичката Исламска држава беа поддржани од САД. Но американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја повлече американската војска од регионот за Турција да може да ги спроведе планираните напади врз Курдите, кои во Турција се сметани за терористи.