Во македонската фудбалска експедиција владее оптимизам пред утрешниот (20.45 ч.) квалификациски натпревар за ЕП-2020 со Словенија во Скопје. Избраниците на македонскиот селектор Игор Ангеловски – Мрме преку оваа пресметка гледаат шанса за пробив кон втората позиција во групата Г. Словенија им е директен конкурент за тоа место кое на крајот од квалифиакциите води на завршницата од ЕП. По шесте одиграни кола Словенија има три бода повеќе од македонскиот државен тим.
-Во овој момент размислуваме само како да ја победиме Словенија. Не ме интересира кое место ќе бидеме на табелата. Одиме чекор по чекор и целото внимание го насочуваме кон утрешниот натпревар. Можам да ветам дека сме максимално подготвени и фудбалерите ќе се борат за секој дел од теренот- порача Ангеловски на средбата со новинарите во пресрет на 7. натпревар од групата.
Заканувачки изјави пристигнуваат и од Љубљана. Словенија доаѓа по решавачки бодови за расплетот во квалифиакциската група, каде лидер е Полска со 13 бода, следува Словенија со 11, Австрија со 10, Израел и Македонија по 8, а последна без бодови е Летонија.
-Не знам што зборуваат Словенците. Не ме интересира тоа. Фудбалски гледано двете селекции од првиот меч кој го одигравме во Љубљана (1:1) се со истиот играчки потенција. Но, многу поинаку е кога доаѓаш со три победи по ред. Самодовербата е поголема, но и ние имаме таква сигурност затоа што играме добро во серија. Добро се познаваме. Со колегата ќе посегенем по некои изненадувања, но сите кандидати кои ги имам на располагање се максимално подготвени да пружат максимум – појаснува Мрме.
Со селекторот се согласува и капитенот и најискусниот во редовите на македонскиот државен тим 36-годишниот Горан Пандев, кој пред залезот на својата кариера се надева дека круна на кариерата може да му биде настапот на завршницата од ЕП-2020.
-Атмосферата во репрезентацијата е на највисоко ниво, со нетрпение го чекаме натпреварот. Знаеме што ќе ни донесе победа. Сакаме да докажеме дека оваа генерација заслужува да игра на големо натпреварување. Ако Словенците се надеваат дека може да бидат втори во групата тогаш зошда да не веруваме и ние. Не гледам во што е Словенија подобра од нас, вели Пандев.