Не сме ветиле вработување на 300 пилоти во Арачиново туку реализација на пилот-проекти, рече премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарско прашање за изјавата на жител на Арачиново дека тој и СДСМ пред изборите ветувале дека 300 жители од оваа општина ќе бидат вработени како пилоти.
-Треба да внимаваме на лажни вести како што е оваа. Во Арачиниво ветивме реализација на пилот-проекти и тие заедно со Општината се реализираат. Сме ветиле работи за кои постоја пилот проекти и ја доживуваат сега својата имплементација. 300 пилоти не сме ветиле, ниту државата има потреба од толку, ниту имаме таков ресурс, а не пак, Општина Арачиново. Со должна почит, има сериозни капацитети во Арачиново за сите профили на дејности, но за 300 пилоти нема ни во мое Муртино, ни во Арачиново, ниту во Скопје, рече Заев на прес-конференцијата во Владата.