Портпаролот на Сириските демократски сили предводени од Курдите, Кино Габриел денеска изјави дека „сите опции се отворени” доколку Турција ја нападне североисточна Сирија.
Габриел рече дека борците предводени од Курдите ќе ги искористат сите свои можности за да возвратат.
– Курдските сили ја оставаат вратата отворена за соработка со сириската влада или други регионални сили во одбрана на областа, рече Габриел, без да прецизира детали.
Според него, силите во Сирија предводени од Курдите, контролираат околу 30 отсто од земјата.
Габриел додаде дека моментално нема контакти со сириската влада.
Претходно, локалните власти предводени од Курдите во североисточна Сирија повикаа на „сеопфатна мобилизација” на турската граница, додека Анкара трупа сили во пресрет на очекуваната инвазија.
– Ги повикуваме нашите луѓе, сите етнички групи, да се преселат во области поблиску до границата со Турција за да спроведат активности за отпор во ова чувствително историско време, соопшти локалната власт позната како Автономна администрација на северна и источна Сирија.
Тие ја повикаа меѓународната заедница да ги исполни своите обврски, бидејќи „на народот во североисточна Сирија може да му се случи хуманитарна катастрофа”.
Високиот турски функционер, Фахретин Алтун рече дека турската армија заедно со сојузничките бунтовници „наскоро ќе преминат во Сирија”, откако претседателот Доналд Трамп најави повлекување на американската војска од таа област.
Анкара ги смета курдските борци во Сирија, кои се бореа со американските сили против Исламската држава, за терористи блиски до забранетите курдски движења во Турција.