Перцепцијата на Франција околу перформансот за заслугите на Северна Македонија да започне преговори со ЕУ е подобрена, во споредба со летото, изјави денеска претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис”, Марко Трошановски.
Трошановски беше дел од делегацијата составена од претставници на „Социетас Цивилис”, Центарот за европски стратегии (Евротинг) и Институтот за европска политика (ЕПИ), што минатата недела престојуваше во посета на Франција, каде имаше средби со француски тинк-тенк организации и со владини претставници.
– Главната грижа на француското општество или на политичката елита е да се обезбеди дека нема да има реверзибилни процеси веднаш откако ќе се започне со преговорите, тоа подразбира дека откако земјата ќе затвори некое подглавје, нема да има регрес или повторно да се јават проблеми во владеење на право, судство итн. Значи, тоа е она што се сака да се адресира со новиот пристап – да се поддржат земјите аспиранти, Северна Македонија и Албанија, но истовремено да се зацврсти методологијата на проширување што би значело или би обезбедило дека земјите суштински се посветени на реформите и дека нема да се случи регрес во нив, истакна Трошановски.
Според него, од голема важност е зајакнување капацитетите за подобро запознавање, информираност и комуникација меѓу земјава и Франција
– Наш државен интерес е да ги зајакнеме капацитетите во тој дел, а тоа веќе го правиме со дипломатското претставништво таму, новата амбасадорка врши многу добра работа, меѓутоа во сите останати нивоа мораме да го зајакнеме присуството во Франција, бидејќи очигледно таа е новиот двигател, мотор на ЕУ со оглед на кризата која што се случува во Германија во моментов, наведе Трошановски.
Во врска со можноста за одвојување на Северна Македонија и Албанија при доделувањето на датуми за старт на преговорите, Трошановски нагласи дека ЕУ индивидуално го проценува нивото на перформансот на секоја земја во реформскиот процес.
– Сепак, предоминантното политичко расположение е дека земјите не треба да се раздвојуваат и тоа ќе оди многу тешко, меѓутоа постојат креативни решенија и како што сугерираше одлуката на Бундестагот во Германија можно е и двете земји да започнат преговори или, барем, Македонија секако да започне, а Албанија да исполни уште неколку услови за да го започне тој процес. Тоа на некој начин нас ни е поволен контекст, бидејќи не е нужно по секоја цена да гледаме „црно-бело” на тој процес, смета Трошановски, додавајќи дека може да се случи одвојување, а без при тоа да биде донесена формална одлука за нешто такво.
Според него, крајно решение ќе биде и двете земји да ги започнат преговорите со тоа што за Северна Македонија нема да има ниту еден услов, додека на Албанија би и биле поставени повеќе услови за исполнување, имајќи предвид дека Холандија е голем противник на отпочнување на преговорите со оваа држава.
– Јас лично сум оптимист. Мислам дека ќе добиеме датум за започнување на преговори, што е исклучително важно за засилување на процесот на демократизација на општеството, потенцира Трошановски.