Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Макфакс“ рече дека ги продал уделите од седум проценти во хидроцентралите за кои антикорупциската комисија му отвори предмет. Мицковски рече дека не однел снимки во Будимпешта од домот на Орце Камчев од аферата „Рекет“ и дека тоа се „злонамерни шпекулации“. „Со Груевски немам комуникација откако ја напушти Македонија, а со господинот новинар не се познавам“, рече Мицкоски. Орце Камчев, како што рече, не донирал пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа дали добил снимки за случајот „Рекет 2“ од осомничениот Зоран Милевски – Кичеец, не беше конкретен и рече „Можеби поседуваме, можеби не“, кажа претседателот на опозициската партија.
Мицкоски рече дека не го слушнал премиерот Зоран Заев, каде што кажува дека осомничената пратеничка Фросина Ременски ќе биде оддалечена од партијата поради отворената истрага. Тој кажа дека осомничувањето на Ременски е поради партиските пресметки во СДСМ. „Можеби најдоблесно ќе биде Заев да се дистанцира од самиот себе“, рече Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ во моментов повеќе должи“, рече Мицкоски одговарајќи на прашањето колку финансиски тежи партијата. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ не контролира и не финансира медиуми, а дека одлуката за повлекување на почесниот претседател Никола Груевски била според статутот на партијата, кој е во фаза на нацрт.
Мицкоски рече дека e горд што не учествувале во преспанскиот договор и дека ќе понесат одговорност ако ги изгубат изборите: „Се разбира, да. Ќе понесам одговорност доколку тие избори бидат фер, транспарентни, да, ќе понесам одговорност и ќе поднесам оставка. И не само тоа. Ќе одам и чекор понатаму. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи и не успееме да направиме Влада, и тогаш ќе понесам одговорност“, рече Мицковски.