Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Австрија, оствари средба со сојузната канцеларка Бригит Биерлејн.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои се стабилни и пријателски и се карактеризираат со меѓусебна доверба и заемно почитување. Размената на посети на високо и на највисоко ниво, беше оценето на средбата, се најдобар показател за нивото на развој на односите меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка од Австрија за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската унија и го реафирмираше очекувањето дека кон средината на октомври Европскиот совет ќе донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија. Канцеларката Биерлејн упати честики за постигнатото и за спроведените реформи во нашата земја. Претседателот Пендаровски ја истакна и важноста на поддршката што Австрија ја дава на Северна Македонија во справувањето со мигрантската криза, преку континуирано присуство на австриски полициски сили на јужната гранична линија од 2015 година. Претходно, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести беше примен од австрискиот претседател Александер Ван дер Белен. Во рамки на официјалната посета, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.