Македонскиот фудбалски национален тим вечерва го одржува својот прв тренинг во Варшава, во пресрет на гостувањето кај Полска во меч од квалификациите за Европското првенство.
Селекторот Игор Ангеловски му даде одмор на Езџан Алиоски, кој според најавите, утре треба да почне со тренинзи, а поради повреда не тренираше ниту Аријан Адеми, чиј настап на ова гостување е неизвесен. Веројатно утре ќе се знае дали играчот на Динамо Загреб ќе може да игра, или ќе треба да се бара некое друго решение за пополнување на средниот ред.
За разлика од мечот со Словенија, против Полска на располагање е и дефанзивецот Бејтулаи кој ја одлежа суспензијата. Полјаците имаат пет, а Австријците два бода повеќе од македонската репрезентација, па борбата за првите две места во групата ќе трае до крајот на квалифиакцискиот циклус.