Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи по завршувањето на посетата на Италија оцени дека турнејата поминала одлично, а со новиот министер за европски прашања, Винченцо Амендола, обезбедно е зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, наредната недела.
„Не можеше подобар финиш на турнејата по европските метрополи во пресрет на октомврискиот самит на ЕУ, од денешната посета на Италија. Со новиот Министер за европски прашања, Винченцо Амендола, не само што обезбедивме зелено светло за почеток на преговорите, туку и цврсто уверување од Амендола дека Италија ќе ги искористи сите можности за да се обезбеди потребниот консензус за Република Северна Македонија“, изјави Османи.
Тој рече дека претстои уште една недела до големата одлука и нивните напори овде привршуваат.
„Кредибилитетот на ЕУ од денес е во рацете на земјите членки“ заклучи Османи.
Посетата на Италија преставува дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи, за посета на европските метрополи, а во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ наредната недела.