– Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи во рамки на работната посета на Италија, денеска се сретна со претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот Сенат, Лучијано Далфонсо, од кого доби уверување дека ратификацијата на протоколот за НАТО ќе се најде на следната пленарна седница на Сенатот, која се очекува наредната недела.
– Брзата ратификација на протоколот ќе претставува значаен импулс за севкупните интегративни процеси во земјава, но и дополнителна шанса да ја достигнеме амбицијата за заокружување на овој процес во рамките на Лондонскиот самит на почетокот од декември, истакна Османи, посочувајќи на значењето на овие процеси не само за земјата, туку и за целиот регион.
На средбата како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи од Далфонсо, доби уверување дека протоколот за НАТО ќе се најде на следната пленарна седница на Сенатот, која се очекува следната недела, со што Република Северна Македонија и формално ќе добие зелено светло од Италија за приклучување кон евроатланската алијанса.
Во рамките на посетата на Италија, Османи ќе оствари средба и со италијанскиот министер за европски прашања Винченцо Амендола, на која ќе стане збор за европските перспективи на Република Северна Македонија, и поддршката од Република Италија во пресрет на одлуката за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ наредната недела.
Посетата на Италија претставува дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ наредната недела.