Курто Дудуш е градоначалник на општина Шуто Оризари. За прв откако е тој градоначалник на оваа општина ангажиран е советник за образование во администрација на општината бидејќи смета дека образованието е клучен фактор за продуцирање на кадар со работни компетенции. За 24 инфо вели дека функцијата Градоначалник повлекува надлежности кои постојано се под ,,лупата на јавноста’’ и многу често приватниот живот станува предмет од јавен интерес.
– Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?
Најпрво, на самиот почеток сакам да Ви се заблагодарам за отстапениот медиумски простор и за можноста да и се обратиме на вашата публика. Навистина, нечесто се случува да ни се обрати медиум за презентација на проекти и конкретни резултати, за жал во последно време читаме медиумски информации само врз основа на шпекулации наместо врз основа на факти.
Во врска со вашето прашање за што е планирано и остварено во овој период, Општина Шуто Оризари спроведе неколку капитални проекти и донесе неколку клучни позитивни измени, согласно нашата изборна и годишна програма. Веднаш, по отпочнување на мојот мандат одлучив најпрво да ги проширам капациетите на општинската администрација за да можеме поефикасно и поефективно да одговориме на потребите на граѓаните. За прв пат ангажиравме советник за образование во нашата администрација, бидејќи сметам дека образование е клучен фактор за продуцирање на кадар со работни компетенции за понатамошно инкорпорирање на пазарот на трудот. Истовремено, за прв пат оформивме посебно одделение за локален и економски развој. Во рамки на ова одделение ја проектиравме првата индустринска зона и работиме на воспоставување на комуникација со неколку инвеститори за отворање на претпријатија и вработување на жителите од Шуто Оризари. Нашата Општина во изминатите две години интензивно работи на зголемување на транспарентноста и отчетноста кон граѓаните и превземаме мерки да бидеме уште поотворени за двонасочна комуникација во сите сфери, вклучувајќи и медиуми. Иако, воведовме отворен ден за граѓаните секој петок од неделата од 10:00-15:00 часот постојано, секој ден сум достапен за граѓаните во зависност од нивните потреби исцрпувајќи ги сите мои временски ресури и можности. Кон предизвиците на граѓаните имам индивидуален пристап бидејќи секој проблем е важен.
Досега, за прв донесовме одлука за формирање на прв локален младински совет, отворивме читална за студенти, ја привршуваме изградбата на повеќенаменскиот спортски центар, отворивме нова, модерна и енергетски ефикасна детската градинка и од сопствен буџет саниравме и асфалтиравме неколку локални улици. Свесни сме за потребата од дополнително подобрување на уличната инфраструктура и затоа интензивно работиме на изготвување на проектна документација до надлежното – Министерството за транспорт и врски. Сеуште работиме на изготвување на детални урбанистички планови, после што ќе пристапиме кон изградбата на културниот центар и катната градажа како што се наведува во нашата програма за работа.
Каква е соработката со централната власт?
Соработката со централната власт е на високо ниво за што зборуваат веќе неколку имплементирани проекти на локално ниво. Во соработка со Министерството за внатрешни работи и во насока на градење доверба кон институциите го отворивме првото полициско одделение во Шуто Оризари. Во тесна соработка со Град Скопје, ја реконструраме главната улица Индира Ганди, а со поддршка на Министерство за труд и социјална политика го уредуваме ентериерот и внатрешно ја опремуваме детската градинка ,,8ми Април’’. Во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги, Министерството за финансии и Светска банка, инвестираме во изградба на детски парк со површина од околу 1500 м2 во три зони. Исто така, неодамна потпишавме договор за распределување на средства од Буџетот на Р.С. Македонија за поддршка за имплементација на Стратегијата за Ромите.
– Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?
Функцијата Градоначалник повлекува надлежности кои постојано се под ,,лупата на јавноста’’ и многу често приватниот живот станува предмет од јавен интерес. Сепак, со добра временска рамка издвојувам време за моето семејство, за пријателите, роднините, а бидејќи живеам во Шуто Оризари често излегувам и се дружам со младите, зборуваме за нивните потреби и за условите кои можеме да им ги овозможиме на локално ниво. Многу често, предизвиците на луѓето нема да ги слушнете на состанок, средба или формален настан, туку преку разговор на терен, на улица и неформални граѓански средби.
– Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?
За следниот период на граѓаните им ветувам отворена општина која ќе биде континуиран сервис за нивните потреби како и досега, можности за задоволување на потребите на граѓаните, дефинирање на деталните урбанистички планови во општината и подготовка за изградба на катна гаража и културен центар, пуштање во употреба на повеќенаменски спортски центар и создавање услови за младинско учество. За следниот период на граѓаните им ветувам проекти и услови за живот со подобра локална инфраструктура. Кредибилитетот за поднесување на мојата идна кандидатура ја оставам на граѓаните, и на нивната проценка од досегашните проекти и покажаните резултати.
Валентина Ангеловска
Фото: Слободан Ѓуриќ