Премиерот Зоран Заев очекува Софија да даде поддршка на почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ и оти тоа е и обврска и од Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
-Бугарскиот и македонскиот народ се пријателски народи. Ние политичарите треба да им служиме. Јас верувам дека Бугарија ќе даде поддршка на добивањето датум за почеток на преговори на РСМ со ЕУ. Толку долго очекувана одлука, веќе 15 години. Тоа е и обврска и од Договорот што го имаме, за кој мора двете страни да водат грижа за неговото исполнување. Јас сум среќен што постигнавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Тој Договор заокружи значајни поглавја досега, веројатно застанавме за не така лесно поглавје, кое што треба преку комисиите, воспоставени од двете страни, да го решиме. Ние сме со намера да продолжиме да ги решаваме работите и да ги изнаоѓаме начините, од каде двете земји и двата народа ќе излезат како победници, рече Заев на новинарско прашање по свеченоста за доделување на наградите „11 Октомври” во Собранието.
Според него, идентетот не е прашање за кое може да се преговара во 21-от век и оти Бугарија го разбира тоа.
-Идентитетот не е прашање на кое се преговара во 21-от век. Современа европска Бугарија верувам дека тоа го разбира. Верувам дека низ решавањето и имплементација на Договорот со Република Бугарија ќе ги изнајдеме решенијата и на овие прашања затоа што идентитетот е чувство. Тие тоа го признаваат, јас му се полконувам на премиерот Борисов кој е европски политичар и кој на нашите пресови во Софија, но и овде спомна македонски народ, заради тоа што навистина 21-от век не ги овозможува перцепциите на ограничување на идентитетските прашања. Секако желни за поскоро решение на секое од овие прашања се испоставија и вака декларативни нивни очекувања кои верувам во најмала се тоа дека договорите треба да имаат реализација, но при тоа не смеат да бидат пречки, истакнува Заев.
Интересот РСМ да почне преговори со ЕУ, додаде премиерот, не е само наш интерес, туку е интерес и на целиот регион, интерес и на Бугарија, а тоа е гаранција за мирот, стабилноста, безбедноста, иднината, економијата, соработката итн. и оти верува дека ќе се водат од тој интерес.
-Ние ќе ги отвориме поглавјата, паралелно тоа ќе се случува во годините пред нас. Имајќи предвид дека се години нанапред пред нас зарем не треба да го решаваме Договорот со Бугарија и да го имплементираме, зарем не треба да ги решаваме деталите од Договорот со Грција и да го имплементираме. Тоа е обврска, но и право на двете страни, така што логично е дека очекува и бугарската страна, очекува и македонската страна, очекува и грчката страна реализација на договорите, затоа што преку нивна имплементација ги јакнеме пријателставта и создаваме услови за унапредување на соработката, рече Заев.
Според него, играта на зборовите, на формулациите во изјавите е нешто на што треба да се внимава, но причина гледа и во притисок пред носењето на одлуката, со оглед дека Бугарија е во изборна година.
-Верувам дека во иднина уште повеќе пријателски ќе бидеме насочени, за да ги имплементираме обврските на двете страни, но и да се поддржуваме, едни со други. Очекувам Бугарија и Грција да бидат авангардата во поддршката на добивањето преговори со ЕУ, повтори премиерот.
На новинарско прашање Заев вели дека ќе го зачуваме македонскиот јазик, кој е впишан во ОН и е признат секаде.
За становиштето на Франција, Заев вели дека респектира ставови на поединечни земји, и оти дебата е отворена во функција на идните методолошки пристапи во преговарачките процес, но не очекува тоа да биде пречка за добивање датум за преговори.
-Франција е голем пријател на РСМ. Информациите ни кажуваат дека се бара методологија која ќе ги убрза преговорите, но може и да ги врати назад кога не успеваат државите. И тоа е фер позиција затоа што ние не сакаме само да преговораме, да отвараме и затвараме поглавја, туку сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднаква, од сите можни аспекти, земја и народ со Европа и европските народи. Верувам низ потребата на Франција и други земји да се вгради една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Нема земја која денес е членка на ЕУ или преговара со ЕУ која направила повеќе од РСМ за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите, вели Заев подвлекувајќи дека е оптимист и дека сепак не би сакал да избрзува со какви било заклучоци.