Десетици повредени во судири со полицијата на протестите во Барселона

Најмалку 37 луѓе се повредени, а над 100 летови се откажани, во протестите на аеродромот Ел Прат во Барселона кои избувнаа вечерва како реакција на пресудата на каталонските политички лидери. Полицијата потврди дека користела пендреци и куршуми од пена за да ги растури стотиците демонстранти кои навлегоа во аеродромските сали.

Протестите се организирани од Демократско цунами, групација која се залага за независност на Каталонија од Шпанија. Десетина полицајци биле повредени во судирите.

Врховниот суд на Шпанија во текот на денот им изрече тешки затворски казни на политичките лидери кои ја поддржуваат сепаратистичката кауза и учествуваа во организацијата на референдумот за независност на богатата покраина.

Но пресудата ги разлути сецесионистите кои масовно излегоа на улиците на Барселона и други градови. Демонстрантите запреа и неколку возови, блокирајќи ги железничките линии со запалени гуми и дрва. Многу демонстранти на своите ревери носеа жолти панделки во знак на солидарност со затворените политичари.

 

Треба да знаете
Последни објави