Еуромакс Рисорсис“ поднесе тужба до Управниот суд против решението на второстепената државна комисија од 5 септември со кое ја одби жалбата на канадската компанија, што всушност значи дека оваа компанија не доби дозвола за изградба и експлоатација на руда во рудникот Иловица-Штука. Претседателот и извршен директор на компанијата, Варшан Гокул, вели дека остануваат посветени на развојот на проектот и дека рудникот ќе овозможи значајна корист за локалната заедница како и за економијата на целата држава.
„Ние сме уверени во правната позиција на ‘Еуромакс Рисосрсес’ и остануваме целосно посветени на развојот на проектот. Се надеваме дека Управниот суд при разгледувањето на поднесената тужба ќе го поддржи владеењето на правото. Развојот на проектот Иловица-Штука ќе овозможи значајна корист за локалната заедница како и за економијата на целата држава. Веруваме дека постои начин да се поддржи развојот на проектот, со што би ѝ се овозможило на компанијата да управува со безбеден рудник согласно најдобрите светски практики. При тоа, развојот на проектот ќе отвори многу работни места за локалната заедница и ќе донесе бројни локални инвестиции“, вели Гокул.
Она што е пред нас, додава тој, не е одлуката дали тука треба да има рудник, туку кој ќе управува со него.
„Со почитување на принципот на владеењето на правото постои можност да се продолжи со развој на проектот и со тоа да се покаже на меѓународната заедница дека во државата владее пријателска клима за поттикнување странски инвестиции“, вели Гокул и додаде дека досега „Еуромакс“ има инвестирано над 50 милиони евра во истражувањето и дефинирањето на проектот Иловица-Штука.